Со Фин-Хакатон викендов ќе се изработат веб апликација, видео и мултимедијална игра, чија цел е транспарентно да покаже како се трошат парите на граѓаните во Буџетот. За награден фонд од 1,5 милиони денари, 7 тима ќе се натпреваруваат да создадат креации во кои на приемчив начин ќе се прикажат приходите и расходите на државата, како тие се собираат и трошат.

„Најдобрите идеи доаѓаат од народот. Во овој случај граѓаните ќе креираат апликација, видео и игра кои ќе ги доближат јавните финансии до граѓаните. Ќе го употребиме нивното видување за буџетот да стане поразбирлив и подостапен за сите“, вели министерот за финансии Драган Тевдовски за Фин-Хакатонот што го организира Министерството во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој.

Хакатон е натпревар, предизвик, во кој во ограничен временски период и простор програмери, графички дизајнери, хакери и креатори на софтвер, работат на развој на софтверски или мултимедијален производ на зададена тема. Ова е првпат која било институција во Македонија да организира ваков настан.

Седумте тимови натпреварувачи во групи од 3 до 6 лица  – програмери, графички дизајнери, економисти и креатори на софтвер, за време на викендот ќе се преселат во Министерството за финансии и континуирано ќе работат на идејното решение. В недела,  жирито во се министерот Тевдовски, директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски, како и претставници на академската заедница, на невладиниот сектор и експерти, ќе избере најдобри предлози.