Откако беа советувани да не прават забави по повод сезоната на цутење цреши, гувернерката на Токио сега им порача на жителите да престанат со уште една омилена национална забава – караоке, додека градот се обидува да сопре нов бран на ширењето на коронавирусот.
Јурико Коике им кажа на 14-те милиони жители на Токио да избегнуваат одење во барови и ресторани и да се откажат од караоке сесиите до 12 април, откако здравствените власти ја повикаа владата да прогласи вонредна состојба пред да биде доцна.
За разлика од САД, Италија, Шпанија и Иран, Јапонија досега беше поштедена од масовно ширење на коронавирусот, но по неодамнешниот пораст на бројот на заразени во Токио и смртта на популарниот комичар Кен Шимура се засилија повиците за порешителна акција.
„Сакам младите луѓе да се воздржат од одење во караоке барови и места со живи свирки, а повозрасните да избегнуваат барови и ноќни клубови, бидејќи имаме информации дека коронавирусот се шири токму на вакви места“, изјави Коике.
Од почетокот на кризата, во Јапонија има 2.007 заразени и 59 починати од КОВИД-19.