ТРАГАЈТЕ ПО МАГИЈАТА ВО ВАС, КАЖА САРА МЕЈС НА НОВОГОДИШНИОТ КОНЦЕРТ СО КОЛЕШКИТЕ И БИТОЛСКИОТ КАМЕРЕН ОРКЕСТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сара Мејс, Теа Богатинова, Калина Велковска, Полина Тасева и Ана Петановска заедно со Камерниот орекстар на Битола одржаа топол претпразничен концерт со новогодишни и божиќни песни сношти (18 декември) во Филхармонијата.

Меѓу „Минатиот Божиќ“ (Last Christmas), „Дедо Мраз доаѓа во градот“ (Santa Claus Is Coming To Town) и други светски хитови ја слушнавме и нашата „Елко, елко“, новогодишната химна на сите генерации.

Ана Петановска и Теа Богатинова (Фото: Ѓ. Личовски)

Сите пет женски вокали беа одлично подготвени и усогласени, два алта и два сопрана, а нивната синхронизираност најмногу се слушна во акапела верзиите на песните. Сите пет пејачки се и блиски пријателки и точно се виде она што Ана Петановска го кажа, дека помеѓу нив има посебна поврзаност.

Петте женски вокали пееја заедно со Камерниот оркестар на Битола (Фото: Ѓ. Личовски)

Во времето кога во Скопје речиси и да нема празнична атмосфра, овој концерт беше полн погодок во вистинско време. Во двата часа, музички патувавме низ светот, а пораката која сите пејачки ја испратија е многу едноставна и точна: „Важно е да сме живи и здрави, да шириме љубов и да се грижиме за блиските“.

Калина Велковска и Сара Мејс (Фото: Ѓ. Личовски)

Теа Богатинова, која е композиторка, е авторка на новите аранжмани на песните. Таа потсети и дека во младоста, многу љубовни приказни се случуваат токму околу Нова година и Божиќ. Гостин на концертот беше гитаристот од Бугарија, Александар Христов. На убаво украсената сцена ги слушнавме и „Среќен Божик“ (Feliz Navidad) и „Тивка ноќ“ (Silent Night), за која Сара Мејс се пошегува дека е омилена на сите родители со мали деца.

„Трагајте по магијата која ја има во вас“, порача таа на крајот од концертот.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Ѓ. Личовски