Целосно помрачување и крвава супермесечина се совпаднаа утрово на небото. Набргу по 5:30 часот, Земјата неколку минути беше позиционирана точно меѓу Сонцето и Месечината, која во тие моменти падна целосно во Земјината сенка, што привремено ѝ даде темноцрвена нијанса.
Месечината ноќеска дојде најблиску до Земјата во нејзината орбита, поради што изгледаше поголема од обично. Оттука и името супермесечина.
Помрачувањето почна во 5:29 часот и стана видливо во западната хемисфера. Во следните речиси час и половина, единствената сончева светлина што допираше до Месечината поминуваше низ Земјината атмосфера, претворајќи ја во црвена.
Во Европа, феноменот беше видлив кратко време зашто Месечината веќе почнуваше да заоѓа, додека во Америка спектаклот беше целосен. Ова беше единственото целосно помрачување на Месечината оваа година.