ТУРЦИЈА ВЛОЖУВА 3,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО СОПСТВЕНИ ЕЛЕКТРИЧНИ АВТОМОБИЛИ

Истанбул, (Дојче веле)

Претседателот Реџеп Таип Ердоган претстави прототипови на првите домашно произведени турски автомобили, што треба да биде чекор напред во амбициите за создавање национален автомобил.

„Присуствуваме на историски ден за нашата земја, кога Турција почнува да го остварува својот 60-годишен сон“, изјави Ердоган на церемонијата во индустриската зона Гебзе во близина на Истанбул.

Турција има голема автомобилска индустрија и во тамошните фабрики свои возила склопуваат светски брендови како „Форд“, „Фиат Крајслер“, „Тојота“, „Хјундаи“ и „Рено“.

„Заслужуваме да бидеме повеќе од обични составувачи“, кажа Ердоган.

ТОГГ, групација на пет компании, планира да развие пет електрични модели во наредните 15 години и во прв момент беа презентирани лесен теренец и седан. Проектот е вреден 3,3 милијарди евра и првите модели треба да бидат подготвени за продажба до 2022 година.