УЧЕНИЦИТЕ ОД „КОРЧАГИН“ ОДРЖАА ХУМАНИТАРНА ПРЕТСТАВА, ДОНИРАНИТЕ ПАКЕТЧИЊА ЌЕ СЕ ПОДАРАТ ВО ДВЕ ДЕТСКИ БОЛНИЦИ И ВО СОС СЕЛОТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Учениците од скопското средно училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, завчера (25 декември) во киното „Фросина“ одржаа хуманитарна детска претстава наречена „Сказноприказна“.

Секој гостин донираше подарок и се собраа преку 300 пакетчиња кои ќе се однесат на Детската клиника во Скопје,  Детската болница Козле и во СОС детското село.

„Идејата за оваа инцијатива е на нашата директорка, м-р Елена Стојанова Димитров, која минатата година ми кажа: ‘Алексиќ, смисли некоја претстава за мали деца, од предучилишна и од училишна возраст, сакам наместо билети да собереме подароци и да донираме на деца од ранливи категории’. Секако, една ваква благородна идеја со радост се прифаќа, но и со сомнеж дека можам да смислам нешто, а да нема политика, критика на власта, пародија на системот, секс, дрога и алкохол во пакет“, ни изјави Татјана Алексиќ, сценарист на претставата која е професорка по македонски јазик во „Корчагин“.

Публиката донираше подароци и се собраа преку 300 пакетчиња кои ќе се подарат на Детската клиника во Скопје,  Детската болница Козле и во СОС детското село (Фото: Фејсбук)

„Ова ми е прва претстава за мали деца, поставена за првпат минатата година. Во киното годинава, благодарение на добрата волја на директорот Никола Алексов и професионалниот тим на Младинскиот културен центар (МКЦ), ја повторивме со мали измени и проширување на сценографијата“, кажа Алексиќ.

Во публиката биле повеќе од 300 деца, родители и наставници. Сценаристката и професор вели оти салата била полна и имало весела атмосфера.

„Децата беа интерактивна публика која се внесе со членовите на драмската и хорска секција на ‘Корчагин’ на сцената и комуницираа со ликовите поделени на добри и лоши“, вели Алексиќ.

Публиката донираше слатки, облека, играчки, новогодишни украси, книги, училишни прибори кои ќе ги израдуваат децата во болниците и во СОС детското село.

Претставата ја гледале и деца од градинката ,,Корчагин”, основните училишта „Димитар Миладинов“ и „Невена Георгиева- Дуња“ како и децата на професорите од „Корчагин“. Професорката Алексиќ им се заблагодари да директорите на установите каде што ќе се однесат подароците како и на Даниела Николова и семејството Жакови кои претходно донирале.

М. ЏАРОВСКА