Дела на Рембрант, Тицијан, Рубенс, Фермер, Фан Дајк и на други мајстори два века стојат изложени на ѕидовите во Бакингамската палата и малкумина можат да им се воодушевуваат.
Една од најспектакуларните колекции на уметнички дела на светот за првпат ќе биде изложена во јавност бидејќи тие привремено ќе мора да бидат преместени поради реконструктивните зафати во палатата. Вкупно 65 слики ќе бидат изложени една година во Кралската галерија.
Почнувајќи од 4 декември, посетителите одблиску ќе можат да уживаат во една од 35-те зачувани слики на Фермер, а изложени ќе бидат и две дела на Рембрант, од кои „Бродоградителот и неговата сопруга“ од 1633 година важи за омилено на кралицата.
„Ова е уникатна можност. Овие слики за првпат ќе можат да се видат во галериски контекст“, изјави кралскиот куратор Дезмонд Шоу-Тејлор.
Изложбата ќе биде отворена до јануари 2022.