УМРЕ ПОСЛЕДНИОТ СУМАТРАНСКИ НОСОРОГ ВО МАЛЕЗИЈА

Куала Лумпур, (Би-Би-Си)

Суматрански носорог сега и официјално е исчезнат вид во Малезија, потврдија зоолозите.

Дваесет и петгодишната женка Иман, последниот примерок во земјата, за кој конзерваторите се грижеа на островот Борнео, умрела од рак, од кој боледувала пет години. Ова уследи само шест месеци по смртта на последниот машки примерок на суматрански носорог во Малезија и сите претходни обиди за негово размножување биле неуспешни.

„Иман умре од природна смрт. Таа ја доби најдобрата можна грижа откако ја фативме во март 2014“, изјави Кристин Лиев, министерката за туризам, култура и животна средина на малезиската држава Сабах.

Суматранскиот носорог, најмалиот вид на ова животно, во минатото бил распространет низ цела Азија, но денес е речиси исчезнат од дивина. Се проценува дека има помалку од 100 живи примероци, а некои сметаат дека ги нема повеќе од 30. Тој е на листата на критично загрозени животински видови.