Латино и стандардни танци, хип-хоп, инклузивен и пара танц се играше на меѓународниот танцов натпревар „Дајмонд“, кој се одржа во Скопје.

Со интересни кореографии учествуваа повеќе клубови од Македонија, Грција, Србија, Романија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Речиси во сите настапи се раскажуваше по некоја приказна, а дел од кореографите беа инспирирани од бајките.

Организатори на натпреварот се инклузивното танцово студио „Денсерс јунајтед“. Соло танчарите и групите од разни возрасти ги оценуваа 10 национални и 10 меѓународни судии.

„Натпреварот ги исполни критериумите и стандардите за одржување и е од исклучително значење за промоција на нашата држава и танцот како уметност. Во хотелот ‘Мериот’, имаше прекрасна атмосфера, многу убавина, младост, енергија, музика, танц, среќни лица и горди родители. ‘Дајмонд’ e поддржан од Светската танцова уметничка федерација и Националниот танцов сојуз“, велат организаторите,
М.ЏАРОВСКА