УСТАВНИОТ СУД НА ИТАЛИЈА ГО ЗАБРАНИ РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНАТА

Рим, (Јуроњуз)

Уставниот суд го блокираше референдумот на кој Италијанците требаше да се изјаснат за легализација на марихуаната. Судот заклучи дека таков закон би ја принудил Италија да ги крши своите меѓународни обврски во спречувањето на шверц на дрога.

Петицијата за одржување референдум собра над 630.000 потписи, многу повеќе од потребниот праг. Уставниот суд го блокираше и референдумот за евтаназија, кој требаше да се одржи истиот ден.

„Ова е ужасен удар за демократијата. Во Италија е речиси невозможно да се одржи референдум“, изјави пратеникот Рикардо Маџи, еден од главните поборници на легализацијата.

Поддржувачите на референдумот веруваат дека легализацијата на марихуаната, за која велат дека е помалку штетна од алкохолот и цигарите, би ги растоварила затворите и би ѝ овозможила на полицијата да се фокусира на посериозен криминал. Моментално, одгледувањето канабис се казнува со затвор од две до шест години, иако од 2016 година, поседувањето на мали количини не се смета за криминално дело.

Малта во декември стана првата европска земја која целосно ја легализираше марихуаната, а сличен потег најавија и Луксембург и Германија.