Автобиографијата на големиот шпански режисер Луис Буњуел, насловена „Мојот последен здив“, ќе биде промовирана утре во 12 часот во Кинотеката на Македонија.
„Книгата е напишана пред самиот крај на неговиот живот, во Мексико, со помош на францускиот писател и сценарист Жан-Клод Кариер, негов постојан соработник. Поделена на дваесетина хронолошки подредени поглавја, таа првпат е објавена на француски јазик во Париз во 1982, нецела година пред смртта на Буњуел“, пишува д-р Атанас Чупоски во предговорот на македонското издание.
Меѓу промоторите на книгата ќе биде и историчарот на уметноста и заменик-амбасадор во шпанската амбасада во Скопје, Ернесто Ередеро дел Кампо.
Уредник на изданието е директорот на Кинотеката, Владимир Љ. Ангелов, а преводот од англиски јазик го направи Марија Цветковска.