В НЕДЕЛА ВО СКОПСКИОТ ГРАДСКИ ПАРК ЌЕ СЕ ОДРЖИ ПРВИОТ ФЕСТИВАЛ ЗА МИЛЕНИЦИ, „ПЕТ ФЕСТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

В недела од 11 часот, на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк ќе се одржи првото издание на фестивалот за миленици „Пет фест Скопје“.

Најавена е 12-часовна програма со забавни и едукативни содржини за деца, возрасни и за нивните миленици. Ќе има модерни танци за деца, танцување со маскоти кучиња, претставување на егзотични инсекти и птици грабливки, програма од Македонското еколошко друштво со документарен филм за дивиот свет, спасувачки приказни од Скопје ЗОО, едукација за стерилизација и кастрација на мачки, сведоштва за вдомени миленици и детско катче со „Бибиверзум“.

Фестивалот завршува со проекција на македонскиот филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ и диџеј настапот на Соња Исмаил.

Влезот е бесплатен, а целта на „Пет фест“ е да се подигнат јавната свест за чување миленик, љубовта кон животните и одговорното сопствеништво. Организаторите велат дека овој фестивал ќе прерасне во традиција.

 

Фото: Фестивалот завршува со проекција на македонскиот филм „Стела“. (Фото: Дрим фектори)