В сабота на кејот на Вардар повторно ќе се одржи трката „Трчај за надеж“, во организација на клубот „Искра Надеж“. Основач на клубот е средношколката Јована Крстевска, која вели дека на тој начин чувствува дека прави нешто што ќе им помогне на оние на кои им се потребни помош и поддршка. Трката по вторпат се организира за да се помогне на Онколошкото одделение на Детската клиника и децата кои таму се лекуваат.
Пријавувањето за учество е преку овој линк, а регистрацијата на учесниците ќе биде пред хотел „Парк“ од 8:15 до 8:45 часот. Трката ќе започне во 9 часот и ќе може да се трчаат 1.5 или 3 километри. Котизацијата изнесува 300 денари, а собраните пари ќе се донираат на Детската клиника.
„Трката ‘Трчај за надеж‘ повторно ја организираме оваа година за да дадеме скромен придонес на Онколошкото одделение на Детската клиника во Скопје. Да им помогнеме на малите пациенти колку што можеме, но уште повеќе, да им кажеме дека се во нашите мисли со желба за нивно брзо оздравување. Ги повикуваме сите кои ја споделуваат оваа идеја да ни се придружат и да учествуваат на трката“, вели Јована Крстевска, организаторка на хуманитарната трка.