В САБОТА ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „КУЛТУРЕН ПЕЧАТ – ИНТЕРВЈУА И РАЗГОВОРИ“ ОД ТОНИ ДИМКОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со промоција на книгата „Културен печат – интервјуа и разговори“ на Тони Димков, в сабота ќе биде одбележан 150. број на неделниот прилог за култура „Културен печат“, кој од првиот број на 19 октомври 2019 авторот го уредува во весникот „Слободен печат“. Промоцијата е во 13 часот во „Филхармонија кафе бар“ во Скопје, а промотор ќе биде проф. д-р Небојша Вилиќ.

Книгата содржи 28 интервјуа и разговори со автори, творци и мислители, што беа објавени во првите 30 изданија на „Културен печат“.

Во издание на „Магор“, во книгата се интервјуата со Виктор Илиески – директор на Филхармонија (2017-2020), Зоја Бузалковска – театарска режисерка, професорка на ФДУ и авторка на книгата „Разговори со Унковски“, Милчо Манчевски – филмски режисер за премиерата на „Врба“, Оливер Белопета – директор на Скопски џез фестивал, Олга Панго – уметничка раководителка на НОБ, Сашо Пешев – продуцент на филмот „Ефектот на среќа“ и директор на маркетинг агенцијата „Њу Момент“, Филип Фидановски – скулптор-керамичар и професор, Љубомир Стефанов, Тамара Котевска и Атиџе Муратова – режисери и главна протагонистка на документарниот филм „Медена земја“, Оливера Ќорвезироска – писателка и критичарка, Висар Вишка – актер и прв директор на Гостиварскиот театар, Винка Саздова – писателка, Роберт Јанкулоски – автор на документарниот филм и монографијата „Манаки – Приказна во слики“, Дита Старова-Ќерими – директорка на НУ Национална галерија на Северна Македонија, Владимир Ангелов – директор на Кинотеката, Кирил Пенушлиски – модерен истражувач и историчар на уметноста, Ана Јовковска – новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, активистка и хуманистка, Игор Иванов-Изи – филмски режисер, Алфрида Тозиева – виолистка и музичка едукаторка, Пеце Талески – извршен директор на продукцијата „ОХО“, Тамара Забазноска – визуелна уметница, Кочо Фиданоски – графички дизајнер и ликовен уметник, Жарко Иванов – режисер и продуцент на анимирани филмови, Михаил Теохаров – менаџер на „Аудио Култура“, Драги Неделчевски – фотограф, Зоран Кардула – графички дизајнер, Емануел Рембер – француски дипломат и писател, Владо Јаневски – писател и Томи Салковски – продуцент во „Скопје филм студио“.

Тони Димков, добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за публицистика, над 30 години работи како новинар од областа на културата и уметноста во повеќе електронски и печатени медиуми. Автор е на две книги од областа на публицистиката, „Зборот остава траги“ (2016) и „Кантар со метафори“ (2017), двете во издание на „Магор“.