ВЕЛИГДЕНСКИ КОНЦЕРТ НА ЦЕЛИОТ АНСАМБЛ НА „ТАНЕЦ“ НА 19 АПРИЛ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Ансамблот „Танец“ ќе одржи велигденски концерт во Скопје, во Националната опера и балет на 19 април од 20 часот. Концертот е насловен „Велигден е, Ѓурѓовден е“ и се одржува во годината кога „Танец“ слави 75 години од основањето.
„На концертот ќе настапи целиот ансамбл – хорот, оркестарот, солистите и играорците, а ќе биде изведена раскошна програма, во која централниот дел е посветен на доаѓањето на пролетта. Ќе се изведат многу вокални и вокално-инструментални точки, како традиционалните напеви ‘Утре е Света Недела’, ‘Ѓурѓово лето, пролето’, ‘Моме оди низ ливада’ и ‘Старото велигденско оро‘, но и живописните кореографски постановки ‘Ѓурѓовден’, ‘Мечкарски игри’, ‘Тресеница’ и ‘Свадба‘“, велат од „Танец“.
Концертот ќе биде мултимедијален, а публиката ќе гледа и премиера на новата кореографија „У ливаду“ на авторите Јовица Блажевски и Сашко Митев. Ќе бидат емитувани и тематски видеоинтермеца на етномузикологот Бранка Костиќ-Марковиќ, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и Музеј на Македонија.
Билетите се во продажба на билетарницата на НОБ и на kupikarta.com