ВИЕНА СО СТОЕЧКИ ОВАЦИИ И ДВА БИСА ГИ НАГРАДИ ТРПЧЕСКИ И ПРИЈАТЕЛИТЕ ЗА ИЗВЕДБАТА НА „МАКЕДОНИСИМО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

Виенската публика со стоечки овации и два биса синоќа ја поздрави светската премиера на оркестарската верзија на музичкиот проект „Македонисимо“ на пијанистот Симон Трпчески и пријателите во престижната концертна сала Музикферајн. Проектот, како што вели здружението КултурОп, беше претставен со австрискиот Тонкинстлер оркестар и диригентот Јутака Садо од Јапонија.

„Се случи нешто што засекогаш ќе остане во аналите на македонската интерпретативна уметност. Добивме уште една димензија на проектот ‘Македонисимо’, што Панде Шахов овојпат го обои во најразлични оркестарски бои за поинаква звучна слика. Во секој случај, незаборавно е чувството кога грмна тапанот и низ ‘Музикферајн’ се разлеаја корените на македонската нација“, изјави Трпчески за Македонското радио.

(Фото: КултурОп)

Изведбата на „Македонисимо“ била посебна инспирација и за членовите од оркестарот, на чело со неговиот музички директор и шеф-диригент Јутака Садо, кој кажа дека кога првпат ги видел ритмите во партитурите, се исплашил како ќе ги диригира.
(Фото: КултурОп)