ВНУКАТА НА ВАСКА ИЛИЕВА СЕ РАСПЛАКА КОГА ЈА ПРИМИ ПЛАКЕТАТА ОД „ТАНЕЦ“ ЗА БАБА Ѝ НА КОНЦЕРТОТ ВО НЕЈЗИНА ЧЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Внуката на Васка Илиева, Душка Бангиева, се расплака на концертот на „Танец“ во Домoт на АРМ во Скопје, кога ја прими благодарницата за особен придонес на нејзината баба за растот и развојот на „Танец“. Концертот „Песната, судбина“ се одржа во чест на 100 години од раѓањето на легендарната пејачка.

Бангиева емотивно го доживеа гестот на „Танец“ и немаше сила да ѝ се обрати на публиката. Место неа, зборуваше син ѝ, правнукот на Васка Илиева.

Душка Бангиева беше придружувана од својот син и правнук на Васка Илиева

„Васка беше легенда во својот живот, Васка замина како легенда и Васка и понатаму живее како легенда. Како што во една плакета се вели: ‘Од Васка и за Васка ќе пеат уште многу генерации’“, кажа правнукот на Илиева.

Највпечатлив дел од концертот беше крајот, кога Сузана Спасовска ја испеа „Земјо македонска“ заедно со сите учесници и со целата публика на нозе.

Габриела Новевска (Фото: К. Попов)

Сите песни беа внимателно избрани и точно погодени за солистите од „Танец“. Ги испеаја врвно, прецизно, точно и без импровизации, како што во својата 50-годишна кариера го правеше Илиева.

Директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ, со претседателот Стево Пендаровски и сопругата Елизабета Ѓоргиевска. (Фото: К. Попов)

Најблиску до нејзините начин на пеење и сензибилитет е Сузана Спасовска, првенката на „Танец“, па оттаму, сосема ги оправда задачите да се доловат „Судбо моја, судбино“, „Сестра моли брата за вечера“, „Сношти појдов, мила мамо, на седенка“.

Елена Андоновска и Кирил Митоски (Фото: К. Попов)

Елена Андоновска со топлиот сопран е исто така одличен вокал, вреди да се пофали и Габриела Новевска со уникатниот начин на пеење, како и Ивана Серафимовска, но и машките пејачи: Драган Николовски, Гоце Цоневски, и Кирил Митоски.

Ивана Серафимовска и Гоце Цоневски (Фото: К. Попов)

Богата кореографија имаа играорците на „Танец“, со фрагмент од „Драчевка“, поставена во 1959 година, во која Васка Илиева премиерно ја испеала песната „Засвирил Стојан, посвирил“, со кореографија на Атанас Коларовски и музичка обработка на Трајко Прокопиев и Кочо Петровски. Музичките адаптации, оркестрациите и аранжманите на сите песни на концертот беа на Дарко Илиевски.

Оркестарот на „Танец“ ја отсвире, а играорците ја изиграа „Драчевка“, во која Илиева во 1959 првпат ја испеала песната „Засвирил Стојан, посвирил“. (Фото: К. Попов)

Вредни архиски снимки од Васка Илиева, на кои таа зборува за своите патувања со песната низ светот и изјава на Александар Сариевски за нивните дуети беа прикажани на почетокот од концертот.

Драган Николовски (Фото: К. Попов)

„Ми се чинеше како тлото под мене да оди“, вели на една снимка Илиева, изморена по едно патување од Америка во Австралија, каде што одржала повеќе концерти.

Бранка Костиќ-Марковиќ низ документарец, чиј автор е, го раскажа животот на Илиева, кој едноставно може да се нарече како и насловот на концертот, „Песната, судбина“.

М. ЏАРОВСКА