ВО АВСТРАЛИЈА ОТКРИЕН КОРАЛЕН ГРЕБЕН ПОВИСОК ОД АЈФЕЛОВА КУЛА

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Огромен корален гребен е откриен на северниот крај на Големиот Корален Гребен во Австралија, што е прво такво откритие во последните 120 години, објавија научниците.

Со својата височина од 500 метри, гребенот е повисок од Ајфелова кула, Емпаер стејт билдинг и кулите Петронас во Куала Лумпур. Научниците сега прават 3-Д мапирање на морското дно во таа област и го истражуваат гребенот со помош на подводен робот.

Компјутерски приказ на новооткриениот гребен

„Откривањето на половина километар висок гребен во пределот на добро познатиот Голем Корален Гребен покажува колку е мистериозен светот надвор од нашето крајбрежје. Повеќе знаеме за површината на Месечината отколку за тоа што лежи во морските длабочини“, изјави Јотика Вирмани, извршниот директор на Океанскиот институт Шмит, непрофитна група која го спроведува истражувањето.

Протегајќи се 2.300 километри, Големиот Корален Гребен е најдолгиот корален гребен на светот и е дом на повеќе од 1.500 видови риби, 411 видови тврди корали и на десетици други видови.

Новооткриениот гребен е широк 1,5 километри.