ВО БИРМИНГЕМ СЕ ПОДГОТВУВА ПРВИОТ ХЕВИ МЕТАЛ БАЛЕТ ИНСПИРИРАН ОД „БЛЕК САБАТ“

Лондон, (АФП)

Во студио за проба во централна Англија, танчарите се справуваат со нови балетски чекори инспирирани од хеви металот. Движејќи се грациозно во еден ритам, тие изведуваат тимски пируети со воздушни гитари и скокаат со тресење на главата.

Добредојдовте во „Блек Сабат балет“, проект на кубанската балетска ѕвезда Карлос Акоста, кој е уметнички директор на Кралскиот балет на Бирмингем. Тој ја добил идејата од гитаристот на „Блек Сабат“, Тони Ајоми, а благослов добил и од пејачот Ози Озборн.

Бев фасциниран од идејата. Не можев да замислам како ќе го спојат балетот со музиката на ‘Блек Сабат‘ и потоа помислив дека можеби ќе ги искористат помеките песни. Но, не, тие сакаат да играат на ‘Black Sabbath’, ‘War Pigs’ и ‘Iron Man’“, изјави 75-годишниот Ајоми.

Балетот во три чина ќе има премиера во Бирмингем во септември, родниот град на пионерите на хеви металот, а потоа ќе оди на турнеја. Пробите веќе почнаа.

Според авторот Ричард Томас, балетот зборува за четворица млади мажи кои од фабрички работници стануваат еден од најуспешните рок бендови во историјата.

Акоста призна дека бидејќи растел на Куба, подоцна се запознал со музиката на „Блек Сабат“.

Во 1980-ите сакав да бидам Мајкл Џексон, не знаев ништо за ‘Блек Сабат‘. За групата дознав дури во 1990-ите“, вели Акоста.

(Фото: АФП)