ВО ДЛАБОКИТЕ ВОДИ НА НОВ ЗЕЛАНД ПРОНАЈДЕНИ АЈКУЛИ КОИ СВЕТАТ ВО ТЕМНИЦА

Окленд, (Гардијан)

Научниците кои ги проучуваат ајкулите покрај брегот на Нов Зеланд открија три вида во длабоките води кои светат во темница, вклучувајќи еден кој сега е најголемиот познат светлечки ‘рбетник.

Биолуминисценција е широко распространет феномен во морскиот свет, но тој сега првпат е пронајден и анализиран во ајкули. Црната ајкула, која може да порасне до 180 сантиметри, е опишана како „џиновска светлечка ајкула“.

Големите морски длабочини се еден од најмалку проучуваните екосистеми на Земјата. Овие ајкули живеат во она што се нарекува самрак зона на океаните, на длабочина меѓу 200 и 1.000 метри, каде што сончевата светлина не продира.

Научниците веруваат дека светлечкиот стомак им служи на ајкулите како камуфлажа од можни закани во темнината или за осветлување на океанското дно во потрага по храна.