ВО ИТАЛИЈАНСКИОТ ДЕЛ НА ЈАДРАНСКОТО МОРЕ ОТКРИЕН ПРВ КОРАЛЕН ГРЕБЕН

Рим, (Гардијан)

Во Италија е откриен првиот корален гребен, објавија истражувачите.

Подводниот екосистем се протега два и пол километри долж јадранското крајбрежје, во близина на градот Монополи (Апулија), јужна Италија. Тоа е првиот мезофотичен корален гребен досега откриен на Медитеранот и со овој термин се означуваат екосистеми со ниско ниво на светлина.

„Ваков тип на гребени се наоѓа на длабочина од 30 до 200 метри“, се вели во студијата објавена во магазинот „Нејчр“.

Од таа причина, боите на коралниот гребен во Апулија се посуптилни од оние добро познати видови во Пацификот.

„Познатите корални гребени на Австралија и Малдиви излегуваат речиси на површината на водата, со што добиваат многу сончева светлина. Мезофотичните гребени се многу ретки, бидејќи успеваат да растат и да преживеат и покрај недостиг на светлина. Имам работено како морски биолог на Малдиви, но никогаш не сум помислил дека ќе пронајдам корален гребен во близина на мојот дом“, изјави професорот Џузепе Кореиро, кој го водеше истражувањето.

Во минатото, коралните гребени биле на големо раширени на Медитеранот, но со тек на време исчезнале. Зачувани се само мали делови, како оние на хрватскиот остров Мљет.