ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „МУЗИКАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ОД ‘ФРОСИНА’ ДО ‘ЛАЗАР’“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Книгата „Музиката во македонскиот игран филм: од ‘Фросина’ до ‘Лазар’ “ на д-р Александар Трајковски вечерва (20 часот) ќе биде промовирана во Кинотеката на Македонија. Трајковски е вонреден професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје, каде што го раководи Институтот за аудиовизуелни уметности. Книгата во издание на Кинотеката ќе ја промовират проф. д-р Ганка Цветанова и Илинденка Петрушева, уредничка на изданието.

„Музиката во македонскиот игран филм: од ‘Фросина’ до ‘Лазар’“ е првата пообемна музиколошко-филмолошка анализа на македонскиот игран филм. Истражувањата и анализите Трајковски ги правел за потребите на неговата докторска теза „Филмската музика како форма на комуникација: музиката во македонскиот игран филм во периодот од 1952 до 2011 година“, која ја одбранил во 2014 година на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, под менторство на Цветанова, која е и рецензент на книгата.

Трајковски учествувал на повеќе меѓународни конференции и симпозиуми со научни трудови кои обработуваат теми од областа на музикологијата и музичката педагогија и е автор на поголем број трудови објавени во реномирани музички и културолошки списанија и научни зборници. Автор е и на книгата „Зина Креља, сопран, првенка на Операта при Македонскиот народен театар“, а се јавува и како дел од авторскиот тим на монографијата за режисерот Бранко Гапо. Во моментов, со м-р Снежана Анастасова – Чадиковска работи на дополнувањето на второто издание на монографијата за оперската примадона Милка Ефтимова.