ВО ЈОРДАН ОТКРИЕН РИТУАЛЕН ЛОКАЛИТЕТ ШТО ДАТИРА ОД 7000 ГОДИНА ПРЕД НАШАТА ЕРА

Аман, (Ројтерс)

Археолозите открија локалитет од камено доба во зафрлена пустина во Јордан, кој покажува дека луѓето се собирале и ловеле газели многу порано одошто се мислеше. Се проценува дека потекнува од 7000 година пред нашата ера.

Тимот на француски и јордански експерти пронајде и 250 артефакти на местото, вклучувајќи исклучителни животински фигурини, за кои веруваат дека биле користени во ритуали за да се повикаат натприродни сили за успешен лов. Овие предмети се некои од најстарите уметнички дела пронајдени на Блиски Исток досега.

(Фото: АП)

„Ова е уникатен локалитет, каде што голем број газели биле ловени во сложени ритуали. На светот нема слично место кое потекнува од каменото доба“, изјави Ваел Абу Азизех, кодиректорот на францускиот археолошки тим.

Експертите пронајдоа неколку километри долги ѕидови кои биле користени за заробување газели во ограничен простор, каде што можеле полесно да се ловат. Иако такви структури се среќаваат и на други места на Блиски Исток и во југозападна Азија, се верува дека овие се најстари, најголеми и најдобро зачувани.