ВО КИНОТЕКАТА ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ ОД МИЛТОН МАНАКИ ЗА 140-ГОДИШНИНАТА ОД РАЃАЊЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кинотеката на Северна Македонија организира изложба на фотографии по повод 140 години од раѓањето на Милтон Манаки, еден од филмските пионери на Балканот. Изложбата, подготвена од фотографот и режисер Роберт Јанкулоски, е дел од фестивалот на нем и класичен филм, што се одржува во Кинотеката од 31 август до 7 септември.

На изложбата ќе бидат изложени дигитализирани фотографии од опусот на браќата Манаки.

Јанаки Манаки отворил фотографски дуќан во 1899 во Јанина и тука започнала заедничката работа на браќата. Милтон го изучувал фотографскиот занает токму таму, под менторство на постариот брат. По преселбата во Битола во 1905, го отвориле познатото Ателје за уметничка фотографија.

Преку нивниот објектив биле овековечени речиси сите позначајни битолчани, многу занаетчии и еснафи, персонал од сите војски кои поминувале низ оваа територија, здрави и болни, богати и сиромашни. Фотографирале насекаде низ регионот, па и во Пловдив, Корча, Гревена, Солун…

Фотографскиот опус на браќата Манаки денес се чува во Државниот архив, односно во Одделението на Државниот архив во Битола. Државниот архив веќе започна со реализација на проект за комплетна дигитализација на околу 20.000 фотографии и документи од Фонд 580 Браќа Манаки. Со заложба на Јанкулоски и Македонскиот центар за фотографија, во еден претходен период се дигитализирани околу 700 фотографии.