Стрип книжарницата „Бункер“ в сабота по третпат ќе организира Ден на бесплатни стрипови.
Ова е најмасовниот настан во светот на стрипот, кога во специјализираните книжарници се делат бесплатни примероци. Манифестацијата првпат се одржа во САД во 2002 и потоа се прошири во многу други земји. Целта е промовирање и ширење на стрип културата.
„Оваа година обезбедивме околу 700 стрипови кои ќе бидат поделени бесплатно. Во понудата е широк спектар на изданија наменети за различни возрасни групи. Во акцијата се вклучуваат и голем број домашни издавачи и поединци“, велат од „Бункер“.
Настанот ќе трае од 10 до 15 часот, односно додека не се потрошат количествата. Стриповите ќе се делат по принципот „прв дојден, прв услужен“ и секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа.
Покрај бесплатните стрипови, „Бункер“ ќе понуди и 30% попуст на целокупниот асортиман.