ВО ПАНДЕМИЈАТА, ЧИТАТЕЛИТЕ ЗЕМААТ ПО ЧЕТИРИ КНИГИ НАЕДНАШ, ВЕЛАТ ОД ВЕЛЕШКАТА БИБЛИОТЕКА

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Библиотеката „Гоце Делчев“ од Велес и оваа година традиционално ги прогласи најчитателите кои изнајмиле и прочитале најмногу книги. Во одделот за возрасни, најмногу прочитани книги има Валентина Малинова, а највозрасен активен читател е Бранка Димова. Во категоријата за деца, најмлад активен читател е шестгодишниот Стефан Тодоровски, а најактивен читател меѓу младите е Александар Јордановски.

„Највредните читатели беа одредени врз основа на бројот на прочитани книги и редовноста при враќањето на истите. Имаме зголемен интерес за читање, во услови кога граѓаните повеќето слободно време се дома. Возрасните читатели при секое доаѓање позајмуваат по три-четири книги. Велат дека така полесно го минуваат времето, место да гледаат телевизија, во време кога нема многу контакти со пријатели и соседи“, кажа Гордана Васковска, в. д. директорка на библиотеката.

На читателите кои беа прогласени за најредовни им беа доделени пофалници и пригодни награди во книги.

Бројот на членови во оваа институција е околу 5.000. Неодамна беа набавени околу 200 нови наслови, 172 за возрасни и 37 за деца.

П. ПЕЧКОВ