ВО ПОДРУМСКА КЛИНИКА ВО КИЕВ ДЕНОНОЌНО СЕ ГРИЖАТ ЗА 21 БЕБЕ РОДЕНИ ОД СУРОГАТ МАЈКИ

Киев, (Ројтерс)

Медицинската сестра Оксана Мартиненко и нејзините колешки се грижат за 21 бебе во импровизирана клиника во подрумот на станбена зграда на периферијата на Киев. Сите бебиња се родени од сурогат мајки, но нивните родители не можат да дојдат по нив поради војната во Украина.

„Не можеме да ги оставиме овие бебиња, тие за ништо не се виновни. Затоа остануваме овдека и ќе им помагаме со ова што го имаме“, вели Мартиненко, која не ги видела своите деца од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

Бебињата лежат во мали пластични кревети, додека шишињата за млеко се стерилизираат. Сестрите велат дека две двојки, една од Германија и една од Аргентина, дошле во Киев по своите бебиња, но не се знае кога ќе можат да ги изнесат од земјата.

Бебињата се родени во различни породилишта во Киев и се донесени на едно место заради нивна безбедност.

„Заглавени сме овдека и се грижиме деноноќно за бебињата. Немаме време за одмор, освен за кратки дремки. Тешко е“, вели сестрата Антонина Ефимович.

Украина е меѓународен центар за сурогат мајчинство. Во нормални времиња, на овој начин се раѓаат илјадници бебиња, многумина од нив за странски двојки.