Истражувачи од Универзитетот во Единбург објавија дека се откриени десетици фосилизирани отпечатоци од диносауруси на островот Ајл оф Скај, западно од брегот на Шкотска. Се проценува дека се стари 170 милиони години.
Тие велат дека е невозможно да се каже на кои видови им припаѓаат отпечатоците, освен дека се два различни вида.
Тие првпат биле откриени од еден студент во 2016 година и оттогаш се спроведуваа теренски истражувања, вклучувајќи мапирање на областа со дронови. Работата ја отежнуваше фактот дека отпечатоците се пронајдени на карпеста платформа изложена на плима.
„Самите траги се секогаш интересни, бидејќи зачувуваат моменти од времето кога вистински животни се мешале со нивната околина. Од нив не гледаме дека диносаурусите правеле нешто интересно. Тие биле безгрижни во лагуната. Не се бркале, ниту ловеле едни со други. Овие отпечатоци ни даваат претстава како изгледал еден ден од животот на диносауруси пред 170 милиони години“, вели Стив Брусате, кој го водеше истражувањето.
Ова откритие е значајно бидејќи трагите потекнуваат од среден јурски период, од кој има малку фосили низ светот.