ВО УСЛОВИ КОГА СВЕТОТ СТАНУВА СÈ ПОТОПОЛ, КОИ ГРАДОВИ ИМААТ НАЈМНОГУ ДРВЈА?

Њујорк, (Гардијан)

Освен што го има најдолгиот непрекинат тротоар во САД (7,2 километри), Тампа на Флорида е и светски лидер во садењето дрвја. Според пресметките на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), повеќе од една третина од градот (36,1%) е покриена со дрвја.

Тампа се наоѓа на врвот на листата на МИТ наречена Трипедија, која ја мери покриеноста на градовите со дрвја и ја следат Сингапур (29,3%), Осло (28,8%), Сиднеј и Ванкувер (двата со по 25,9%).

Сингапур секоја година сади повеќе од 50.000 дрвја на своја територија (Фото: Гети)

Тампа, сепак, нема да влезе во Гинисова книга на рекорди, бидејќи МИТ опфати само 27 градови во своето истражување, но исто така им овозможува на градовите преку посебен код сами да си пресметаат колку се покриени со дрвја.

Трипедија ја нагласува важноста на градските дрвја во времето кога светот станува сѐ потопол и поурбанизиран, бидејќи тие ја регулираат климата и влијаат на лична добросостојба.

„Гледаме дека низ светот се посветува сѐ поголемо внимание на урбани дрвја, не само зашто се убави, туку и зашто градовите сфаќаат дека тие се важен дел од здравјето, среќата, добросостојбата…“, вели Ден Лемб, кој во САД ја покрена иницијативата „Урбано дрво“, на која ѝ се приклучија 3.400 заедници.

Рангирањето на градовите според покриеноста со дрвја останува непрецизна наука. Агенцијата за шуми на САД направи анализа на 25 од најголемите урбани области и заклучи дека Њујорк е најпокриен со дрвја (39,2%), следен од Москва (29,1%), Сао Пауло (27,4%) и Париз (26,4%). Успехот на Њујорк се должи и на тоа што во 2015 година успешно ја спроведе иницијативата за садење на еден милион дрвја.