ЗАЕВ И ЦИПРАС ВО ДАВОС ВЕТИЈА ОТСТАПКИ ЗА ДА СЕ ЗАБРЗА РЕШАВАЊЕТО НА СПОРОТ СО ИМЕТО

Давос, (СМАРТ СДК.МК)

Премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас одржаа тричасовна средба во рамките на Светскиот економски форум во Давос, на која што ветија дека ќе направат отстапки во знак на добра волја, со цел да се забрза финиширањето на преговорите за името, што ги оптоварува односите помеѓу двете земји повеќе од 25 години, а Македонија ја блокира на повеќе полиња.

  • Ципрас вети дека Грција нема да ја блокира Македонија во почнувањето на втората фаза од имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Тоа ќе значи постепено усогласување на законодавството, зајакнување на регионалната соработка и проширување на економската соработка со земјите од Европска Унија.
  • Грција нема да го блокира и зачленувањето на Македонија во Јадранско-јонската иницијатива, со што ќе може да се продлабочи соработката во најразлични области со останатите членки (Италија, Грција, ексју републики).
  • Заев најави дека аеродромот и автопатот „Александар Велики“ ќе добијат нови имиња, при што автопатот ќе биде наречен „Пријателство“.
  • Според Ципрас, доколку Македонија сака да влезе во НАТО, проблемот со името треба да се реши во форма на едно сложено име за општа употреба (erga omnes).
  • „Иредентизмот мора да се искорени во секаква форма. Постојните проблеми мора да се решат реалистично и одговорно“, кажа Ципрас.
  • Заев ја потенцираше потребата од изнаоѓање решение што ќе биде прифатливо за двете страни, притоа да се земе предвид националното достоинство на двете земји и идентитетот на народите.
  • Следната фаза од преговорите ќе се одржи наредната недела, кога посредникот во преговорите за името, Метју Нимиц, ќе ги посети Атина (вторник) и Скопје (среда).