ЖЕЛБАТА ЗА МОЌ НАД ЉУБОВТА КОН СИНОТ ВО „САМРАК НА БОГОВИТЕ“ СО БРАНКА КАТИЌ НА БДП ГО НАПОЛНИ ДРАМСКИ ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Луѓето се менуваат на полошо кога ќе се опседнат со желбата за моќ и власт. Актерите од Београдско драмско позориште (БДП) сношти во полниот Драмски театар во Скопје на умешен начин ја раскажааа оваа приказна во претставата „Самрак на боговите“.

Претставата играше во рамките на фестиваот РУТА, а меѓу главните актери се прославената Бранка Катиќ и младата актерска надеж Исидора Симијоновиќ. Таа е популарна во Србија со една од главните улоги во сериите „Утрото ќе смени сѐ “ и „Убијците на мојот татко“.

Автор на претставата е Ивор Мартиниќ, а имаше премиера во октомври 2019 во Београдско драмско позориште.

Мартиниќ низ специфичната драматуршка стилизација на познатиот филм на Лукино Висконти го почитува временскиот редослед на моралното пропаѓање, политичкиот раст и богатењето на семејството Фон Ашенбек, кое почнува со палењето на Рајхстагот во 1933, а завршува во Ноќта на долгите ножеви во 1934. Дејството почнува на една ноќна прослава на падот на старата Германија и раѓањето на нацизмот.

Мартин го игра Исидора Симијоновиќ. (Фото: Д. Удовичиќ)

Навидум среќното семејство Фон Ашенбек се распаѓа заедно со старата Германија, уништувајќи се еден со друг заради подобар профит и углед во новата нацистичка Германија. Вљубена во својот партнер, бароницата Софи (Бранка Катиќ) заборава на љубовта кон својот син Мартин, кого го игра Исидора Симијоновиќ. Голем аплауз на крајот од претставата доби уште една млада српска актерка, Вања Ненадиќ, која исто така игра машки лик, Гинтер, пропаднат виолинист кој не може да му се посвети на својот инструмент поради амбициозниот татко.

„Музиката веќе не се слуша во оваа куќа, животот веќе не се слуша во оваа куќа“, се пораките кои за крај ги кажува Катиќ, со години една од најдобрите и најуспешни актерки во регионот.

И самата таа како бароницата Софи е виновна за распадот на семејството, а најмногу затоа што нејзиниот син, заборавајќи на тоа што е мајчина љубов, научил како да мрази.

Претставата се изведе две недели по смртта на режисерот Јагош Марковиќ.

„Мораме да посведочиме, мораме едни на други да си кажеме, за да не помислиме дека сѐ е во ред, да не отрпнеме, да не заборавиме. Е, токму затоа ‘Самрак на боговите‘“, изјави Марковиќ пред да почине.

Фестивалот РУТА завршува вечерва со претставата „Отело“, копродукциски проект на театарот Улисис од Загреб и Сараевскиот воен театар САРТР, во режија на Украинката Оксана Дмитриева.

М. ЏАРОВСКА