Невладината организација од Вашингтон „Си шепард“ со застрашувачки 3-Д фотографии лансираше кампања под мотото „Пластиката која ја користите еднаш засекогаш го уништува океанот“, за да ја подигне свеста за зачувување на морскиот свет од пластичен отпад.
На рекламите се прикажани морски животни, како фоки и желки, во екстремна агонија, откако дошле во контакт со пластични предмети од секојдневниот живот.
„За жал, мал и непромислен гест од нашиот секојдневен живот може да предизвика огромна штета на природата, без и да сме свесни за тоа. Сакаме да ја подигнеме свеста дека со мали и лесни чекори можеме да се осигураме дека нема да гледаме вакви застрашувачки слики“, вели основачот и претседател на „Си шепард“, Пол Вотсон.
Научниците предвидуваат дека во 2050 во морињата ќе има повеќе пластичен отпад отколку риби. Изминативе денови, на Филипини беше пронајден мртов кит, за кој се утврди дека умрел откако проголтал 40 килограми пластични кеси.