Знамето на НАТО од денеска стои пред зградата на Собранието.
Тоа беше кренато набргу откако пратениците со 114 гласови „за“ го усвоија Законот за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, кој ќе стапи на сила откако и шпанскиот парламент ќе го ратификува Протоколот. Собранието предвреме го изгласа Законот бидејќи во наредните денови ќе се распушти поради претстојните парламентарни избори.
Претставниците на 29-те членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Македонија на 6 февруари 2019. Последната земја која го ратификуваше Протоколот беше Франција во ноември, по што остана само Шпанија, што се одолжи поради политичката криза и вонредните парламентарни избори во земјата.
На кревањето на знамето присуствуваше и шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, Зоран Јанковиќ.