Во Болоња можете да добиете бесплатно пиво, сладолед или карта за кино ако возите велосипед.
На овој начин се реализираше идејата на урбаниот планер Марко Амадори, кој бараше начин како да натера повеќе луѓе да патуваат еколошки. Минатата година, тој ја стартуваше шемата против загадувањето наречена „Бела моса“, односно „Добра работа“, која ги наградува граѓаните на Болоња ако пешачат, возат велосипед или користат јавен превоз.
Сѐ што треба да направат е да симнат апликација и да ги регистрираат своите патувања. За награда, можат, на пример, да се напијат бесплатно пиво.
„За првпат, ние сме во можност да ги вклучиме сите луѓе. Системот на собирање поени се базира врз поединечно патување, а не врз далечината што ја поминувате. Тоа е важно, затоа што дури и патувањата од еден километар можат да се направат на одржлив начин“, вели Амадори.
Над 100 локални бизниси се вклучија во иницијативата со свои ваучери и минатата година се поделени 16.000 од нив. На апликацијата се регистрирани повеќе од 3,7 милиони поминати километри, а луѓето можат да пријават четири патувања во еден ден.
Засега, „Бела моса“ функционира само четири месеци во годината, но се преговара за продолжување на овој период.