НЕ ВЕЖБАМ, ПИЈАМ ВИНО И ОСЛАБНАВ 15 КИЛА, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА КЕЛИ КЛАРКСОН

Лос Анџелес, (Е!)

Со години, пејачката Кели Кларксон беше критикувана за нејзината тежина. Но, изминативе неколку месеци, таа ослабна 15 килограми.

Триесет и шестгодишната пејачка вели дека ја намалила тежината благодарение на книгата „Парадоксот на растенијата: Скриени опасности во здрава храна која предизвикува болести и зголемување на телесната тежина“, а, исто така, вели дека новата исхрана ѝ ја олеснува состојбата со тироидната жлезда.

„Имав автоимуна болест и проблем со тироидната жлезда, што започна во 2006 година“, откри Кларксон во шоуто на Ен-Би-Си.

„Знам дека за шоу-бизнисот се најважни килограмите, но за мене е поважно што од февруари веќе не користам лекарства за мојата состојба“, рече пејачката и низ смеа додаде: „Не вежбам, само вино пијам“.

Кларксон, исто така, рече дека сѐ уште јаде торти и пржено пилешко, но кога го готви тоа, користи состојки како бадемово брашно.

„Искрено, навистина е скапо да се храниш здраво. Посакувам државата навистина да најде начин да помогне во оваа област. Јас бев сиромашна во детството и моето семејство не можеше да си дозволи здрава храна“, порача таа.