ИСКЛУЧЕН ТЕЛЕФОН ЗА ВРЕМЕ НА РУЧЕК И ДРЕМКА ОД 15 МИНУТИ – ГЕРМАНСКИ СОВЕТИ ЗА РАБОТА ОД ДОМА

Берлин, (ДПА)

Работењето од дома стана реалност во време на пандемијата на коронавирусот. Тоа не го промени само начинот на работа, туку влијаеше и на паузите и кратките одмори. Ако досега ручавте на пауза со колегите во ресторан, сега уживате во домашниот сендвич додека ги проверувате мејловите.

„Многу е важно да се ‘исклучите’ за време на пауза за ручек“, вели Никлас Валтер од Германскиот институт за трудова медицина. Тој ги дава следиве совети за полесно функционирање во услови кога домот ви е канцеларија:

  • Ставете го телефонот на „flight mode“. „И да ручавте во ресторан со колегите, сигурно немаше да одговорате на телефонските повици“, вели Валтер.
  • Доколку живеете сами и ви недостига друштво и не сакате сами да јадете, договорете се со колегите и имајте онлајн заеднички ручек.
  • Кога работите од дома, организирајте се да имате кратки паузи. „Така имате шанса за дремка. Ставете го алармот на 15 до 20 минути, бидејќи тоа е доволно за да се освежите“, смета Валтер.
  • Годинава долги одмори нема да бидат опција, па затоа доколку можете, заминете од домот на неколку дена.
  • Најважно од сѐ: штом завршите со работа за денот, тргнете го настрана компјутерот од дневната или спалната соба. Ова важи и за периодот кога сте на одмор.