МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА И СЛОВЕНИЈА ЌЕ ГО ПОПУЛАРИЗИРААТ ПЛАНИНСКОТО ТРЧАЊЕ КАЈ ТИНЕЈЏЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Србија, Словенија и Македонија почнаа проект за популаризација на спортовите во природа кај тинејџери, првенствено планинско трчање. Иницијалниот состанок на работната група Green Trails of Future (Зелени патеки на иднината) се одржа во Скопје.

Работната група ја сочинуваат ПК Тара од Бајина Башта (Србија), Планинарскиот сојуз на Србија, ХГ Идрија (Словенија) и здружението за планинско трчање Трекс од Скопје, кое ги организира трките Водно-Матка треил, Охрид Ултра треил, Крали Марко треил и Струмина треил.

„Анализите на локално ниво на Балканот покажуваат дека интересот кај тинејџерите за спортовите во природа, како рекреативно и планинско трчање, е незначителен. Партнерите од Србија, Словенија и Македонија во следните две години ќе работат на привлекување на оваа група млади кон трчањето, природата и екологијата преку нивните активности и спортски настани“, соопшти здружението Трекс.

(Фото: К. Арсовски)