МЕМИЊАТА ПОМАГААТ ВО СПРАВУВАЊЕТО СО ПАНДЕМИСКИОТ СТРЕС, ВЕЛИ АМЕРИКАНСКО ИСТРАЖУВАЊЕ

Вашингтон, (ДПА)

Популарните мемиња што се споделуваат на социјалните мрежи можат да бидат добар лек за пандемискиот стрес, покажува ново истражување за влијанието на хумористичните онлајн содржини. Луѓето кои следат вистински тип на мемиња се многу попозитивни.

Американската студија објавена во списанието „Психологија на популарните медиуми“ покажува дека неколку мемиња на ден им помагаат на луѓето подобро да се справуваат со секојдневниот стрес за време на пандемијата. Една друга студија од минатата година покажа дека мемињата за депресија можат да го кренат расположението на оние кои имаат ментални проблеми.

„Како што пандемијата се одолжуваше, стана сè поинтересно да се види како луѓето ги користат социјалните мрежи и мемињата за да размислуваат за пандемијата“, вели психологот Џесика Мирик, главна авторка на студијата.

Мирик и нејзиниот тим вклучиле 748 луѓе во онлајн истражувањето за да откријат дали различни видови мемиња влијаат врз емоциите, анксиозноста и генерално врз справувањето со пандемијата. Студијата покажала дека луѓето кои ги гледале мемињата, особено за ковид-19, имале повисоко ниво на хумор и попозитивни емоции од другите, што индиректно се поврзува со намалувањето на стресот во пандемијата.

Оваа студија е во спротивност со претходни истражувања за психолошкото влијание на социјалните медиуми како Инстаграм, кои покажаа дека акцентот на убавината и успехот има негативно влијание врз менталното здравје.

„Иако Светската здравствена организација им препорачува на луѓето да ги избегнуваат медиумските содржини за ковид-19 во интерес на нивното ментално здравје, нашето истражување покажа дека мемињата за ковид-19 можат да им помогнат на луѓето да бидат посигурни во справувањето со пандемијата“, потенцира Мирик.