ОДЕЊЕ НА КОНЦЕРТ ГИ ПРАВИ ЛУЃЕТО ПОСРЕЌНИ ОД ЈОГА ИЛИ ШЕТАЊЕ КУЧЕ

Лондон, (Дејли мејл)

Одење на концерт е покорисно за вашето здравје од јога или шетање куче, покажа едно ново истражување.

Истражувачите заклучиле дека на луѓето кои 20 минути слушаат музика во живо доброто расположение им се зголемува за 21%, додека кај оние кои одат на јога тоа изнесува само десет отсто.

Претходни студии имаат откриено дека музиката го зголемува нивото на допамин, хемикалијата во мозокот одговорна за добро расположение и дека посреќните луѓе живеат подолго.

Истражувањето спроведено од Лондонскиот универзитет сугерира дека одењето на концерти може да го продолжи животот.

Во истражувањето учествувале 60 луѓе, кои биле поделени во три групи. Откако решиле психометриски тест за да се утврди нивната општа благосостојба, првите отишле на концерт на Палома Фејт, вторите биле на час по јога, а третите шетале куче низ Лондон. Притоа се дошло до заклучок дека оние кои биле на концерт имале подобрување на расположението за 21 отсто, додека кај другите две групи тоа изнесувало десет, односно седум проценти.

„Овие резултати ни покажуваат дека оние кои одат на концерт еднаш во две недели или почесто имаат поголеми шанси да бидат посреќни, позадоволни, посамоуверени и попродуктивни“, вели Патрик Фаган од Лондонскиот универзитет.