Ако редовно наоѓате време за кратка дремка, тоа е добро мозокот и му помага подолго да остане поголем, велат истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Тие покажаа дека мозокот на оние кои редовно дремнуваат е поголем за 15 кубни сантиметри, што е рамно на одложувањето на стареењето за три до шест години.
Научниците препорачуваат дневните дремки да не бидат подолги од половина час. Сепак, тие се свесни дека многумина не можат да си дозволат дневна дремка поради типот на нивната работа.
„Ние сугерираме дека секој би можел да има некаква корист од малку дремење. Ова откритие е доста ново и возбудливо“, изјави д-р Викторија Гарфилд, која учествуваше во истражувањето.
Докажано е дека дремките се клучни за развојот додека сме бебиња, стануваат поретки како што растеме и потоа повторно им се враќаме по пензионирањето. Така 27% луѓе над 65 години рекле дека секојдневно дремнуваат преку ден.