СЕДУМ ЧАСОТ НАВЕЧЕР Е НАЈЧЕСТО ВРЕМЕ КОГА НИЗ СВЕТОТ СЕ НАРАЧУВА ХРАНА

Абердин, (Би-Би-Си)

Седум часот навечер е глобалната точка кога луѓето добиваат желба да нарачаат храна, покажа истражување на универзитетот во Абердин.

Истражувачите го проучувале шаблонот на онлајн нарачување јадење, како пица и кинеска храна, во Велика Британија, САД, Канада, Австралија и Индија и дошле до заклучок дека ова најчесто се случува во два термини: 19 часот и два часот наутро.

Студијата сугерира дека древните човечки шаблони на глад и хранење сега се префрлени на интернет.

„Заклучивме дека и покрај големите културни разлики, постои исклучително редовен ритам на нарачување храна во 19 часот. Другиот врв се достигнува во два часот наутро, без разлика на годишно време и географска локација“, вели Николас Алварадо од универзитетот во Абердин.

Д-р Тајлер Стивенсон, кој учествуваше во истражувањето, смета дека врвот во два часот, односно доцното јадење, може да се поврзе со зголемениот проблем на прекумерна тежина, што постои низ светот.

„Сите организми имаат стратегија на наоѓање и консумирање храна. Во древни времиња, луѓето оделе во лов, а денес, доцна во ноќта бараат на интернет што ќе јадат. Гугл го замени ловот“, вели Стивенсон.