ШВЕДСКА СЕ БЛИЖИ КОН ПРАГОТ ДА СТАНЕ ПРВАТА ЗЕМЈА БЕЗ ПУШАЧИ

Стокхолм, (АП)

Шведска, која ја има најниската стапка на пушачи во Европската Унија, е на прагот да се прогласи за првата земја без чад од цигари, за што треба да има помалку од 5% од населението кое пуши секојдневно.

Многумина експерти сметаат дека најголеми заслуги за тоа имаат повеќедецениските кампањи против пушењето и законодавството, додека други укажуваат на големото користење на снус, тутунски производ кој не се пуши. Тој е забранет во остатокот од ЕУ, додека во Шведска има долга традиција и се рекламира како алтернатива на цигарите.

Без разлика на причината, прагот од 5% е на дофат. Само 6,4% Швеѓани над 15 години пушеле секојдневно во 2019, најмалку во ЕУ и далеку под просекот на Унијата од 18,5%. Според Агенцијата за јавно здравство на Шведска, стапката продолжила да паѓа во меѓувреме и лани изнесувала 5,6%.

Пред 20 години, речиси 20% од жителите биле пушачи, што исто така беше релативно ниско во светски рамки. Оттогаш беа воведени низа мерки со кои пушењето се обесхрабруваше.

Шведските власти велат дека мерките имале и здравствени придобивки за жителите, како релативно ниска стапка на рак на бели дробови.

Ние меѓу првите го забранивме пушењето на јавни места, како школски игралишта, ресторани, кафулиња и автобуски станици. Важна улога имаа и оданочувањето и строгите правила за рекламирање“, вели Улрика Орехед, генералната секретарка на Шведското друштво за рак.

(Фото: АП)