СПОТИФАЈ НАПРАВИ ЛИСТИ НА ПЕСНИ ЗА ДА ГИ СЛУШААТ КУЧИЊАТА КОГА СЕ САМИ ДОМА

Лондон, (Ројтерс)

Стриминг компанијата Спотифај направи листи на музика наменети за кучиња кога се сами дома без сопствениците. Ова уследи откако едно истражување покажа дека 74 отсто од сопствениците на миленичиња во Велика Британија им пуштаат музика на животните.

Спотифај објави дека направил подкаст со смирувачка музика, афирмативни пораки и приказни што ги раскажуваат актери, со цел да се намали стресот кај кучињата кога сами седат дома.

Песните се селектирани со алгоритми за да соодветствуваат на карактерот на животните, како, на пример, енергични и бавни.

Од Спотифај велат дека во истражувањето забележале дека еден од четворица сопственици на миленичиња пушта музика за да им прави друштво дома, а 42% изјавиле дека нивните миленичиња имаат и омилен жанр.