Заврши уште еден месец посветен на движењето Мовембер, за подигнување на свеста за машките болести.

Членовите на Мовембер од Велес се самоорганизираа шеста година по ред, а завршницата беше дружењето во пивницата „Паб“, кога на нивниот симпозиум си ги мереа мустаќите. Мотото на забавата беше „Шоуто мора да продолжи“, преземено од песната на групата „Квин“, а и наградите беа според нејзините хитови и фронтменот Фреди Меркјури. Победник, или „We Are The Champions“, е Ангел Пановски, а утешната награда за мустаќ во обид, или „Another One Bites The Dust“, ја доби Дарко Тодоровски.

Најмустаќот во обид го има Дарко Тодоровски (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Преку добра забава успеавме кај младата популација во Велес да ја испратиме пораката за здравје и превентива од машките болести. Целта е исполнета. Ако се прави редовна контрола кај доктор барем еднаш годишно, многу поефикасно ќе се решат т.н. машки болести. Ако секој маж отиде на превентивен преглед на време, нема да се јават последиците подоцна“, изјави Ѓорѓи Нанов, еден од стотината млади велешани кои цел месец носеа мустаќи.

И додека тие ја креваа свеста, на Одделението за урологија во велешката болница овој месец и следните два нема термини за тие кои се решиле да ја проверат нивната здравствена состојба.

Истовремено се собираа средства за хуманитарна цел, и тоа преку продажба на маички и приврзоци, преку касичка и од продажбата на 200 литри пиво, донација од „Скопска пивара“.

П. ПЕЧКОВ