Луксембург ќе стане првата држава на светот која ќе воведе целосно бесплатен јавен транспорт.

Според планот на реизбраната коалициска влада на чело со Савиер Бетел, карти за сите возови, автобуси и трамваи ќе бидат укинати наредното лето. Во текот на изборната кампања, Бетел ветуваше дека заштитата на животната средина ќе му биде приоритет во вториот мандат. Освен ова, новата влада размислува и да ја легализира марихуаната и да воведе два нови државни празници.

Главниот град Луксембург Сити се души во еден од најлошите сообраќајни метежи на светот. Градот има 110.000 жители, но дополнителни 400.000 циркулираат низ него поради работа. Иако целата држава има само 600.000 жители, околу 200.000 луѓе од Франција, Белгија и Германија секој ден ја поминуваат границата.

Ова лето, владата воведе бесплатен јавен превоз за деца и за сите помлади од 20 години, а за останатите, два часа патување, што е речиси целата територија на државата, чини само две евра.