Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека 80 отсто од младите луѓе не водат здрав живот.
„Секое движење се брои. Сите ние секојдневно мора да се движиме, на безбеден и креативен начин“, вели шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Нема дилема, вели СЗО, дека карантините и рестрикциите воведени поради пандемијата на ковид-19 го отежнаа здравиот начин на живот, но од друга страна, здравјето никогаш не било поважно.
Децата и тинејџерите треба минимум еден час дневно да се физички активни, смета СЗО. Според оваа организација, возрасните треба да се физички активни од два и пол до пет часа неделно или барем 21 минута дневно. Во овој период, над четвртина од возрасната популација не е ни блиску до просекот.
Препораките се однесуваат и на лицата со хронични болести и лицата со попреченост, како и трудниците и доилките. Лицата над 65 години исто така треба да прават вежби со кои ќе ја одржуваат мускулатурата.