ДАЛИ Е БЕЗБЕДНО ДА СЕ ОДИ ВО ТЕРЕТАНА ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА НА КОРОНАВИРУСОТ?

Њујорк, (АП)

Дали е безбедно да се оди во теретана за време на пандемијата на коронавирусот?

Ако ширењето на заразата е слабо контролирано во вашата средина, подобро е да се избегнува, велат експертите. Во подобри услови, ризикот може да се минимизира.

„За да се обезбеди сите да вежбаат на растојание од два метра, теретаните би требало да ги поместат справите, да заградат одредени подрачја и да го намалат бројот на корисници“, вели д-р Мерибет Секстон, универзитетска професорка по заразни болести.

Таа додава дека треба да се избегнуваат соблекувалните и секој треба да носи свое шише со вода. Вработените би требало да ги дезинфицираат справите по секое користење и редовно да ги чистат подот и други површини кои често се допираат. Експертите велат дека маска треба да се носи секој пат кога тоа е можно.

Но, колку и да сте внимателни, ризикот од зараза постои, зашто теретаните најчесто се затворени, а со тоа и вентилацијата е послаба и предизвик е да се одржува физичка дистанца.

„Ако не ви е проблем да вежбате сами на отворено, тоа секогаш е побезбедно од одење во теретана“, додава Секстон.