ДАНИЕЛ КРЕГ ВЕЖБАЛ 12 ЧАСА НА ДЕН ЗА УЛОГАТА НА ЏЕЈМС БОНД

Лондон, (Дејли мејл)

Даниел Крег викендов го почнал снимањето на својот последен филм за Џејмс Бонд и за да ја поврати препознатливата форма, тој се подложил на безмилосни физички тренинзи и исхрана.

Извори од продукцијата откриваат дека 51-годишниот Крег изминатава недела вежбал 12 часа на ден за да се подготви за улогата, што е рамно на осум фудбалски натпревари.

„Даниел е речиси 14 години постар од времето кога првпат го играше Џејмс Бонд, па оваа улога сега е физички далеку потешка за него. Да се биде Бонд бара многу енергија и тој е посветен да биде подготвен за тоа. Ова е акционен филм и Даниел сака да се покаже во најдобро издание. Сите очекуваме тој да изгледа неверојатно на снимањето“, изјави извор.

Крег не е единствен кој се потрудил да набие физичка маса за потребите на улога. Мајкл Би Џордан кажа дека „тренирал по цели денови четири-пет месеци“ за да се подготви за улогата на боксер во „Крид“, а Џејк Џиленхал секој ден тренирал по шест часа за филмот „Southpaw“.

Новиот, 25. филм за Џејмс Бонд, кој засега нема име, треба да излезе во април наредната година.