СОЗДАДЕН ПРВ АВТОМОБИЛ НА СВЕТОТ ВО КОЈ ТРОШИТЕ КАЛОРИИ ДОДЕКА ВОЗИТЕ

Дубаи, (Мотор1)

Инвеститор од Саудиска Арабија го создаде првиот автомобил на светот што овозможува да трошите калории додека возите, велејќи дека тој „ги претвора неактивните, нездрави и здодевни патувања во активно, квалитетно потрошено време“.

Насер Ал Шаваф се здружи со холандската фирма БПО за да го создаде „фиткар ППВ прототип 2“, во кој стандардната педала за гас е заменета со велосипедски педали.

Однадвор, автомобилот изгледа како секој друг „ауди А4 авант“ и ги има неговите автоматски менувач и дволитарски турбомотор, но кабината е поразлична.

Место педала за гас, „фиткар“ има велосипедски педали

Возачот врти велосипедски педали, при што компјутерот ги претвора неговите напори во придвижувачка енергија. Колку побрзо и посилно врти, така и возилото забрзува. Бидејќи системот на педали зафаќа многу место, сопирачките се заменети со едноставна рачна контрола.

„Работам во многу градови низ светот, во кои возењето во еден правец трае цел час, што може да биде непријатно. Тоа е нездрав начин да се потрошат повеќе од два часа секој ден. Затоа дојдов на идеја за ваков ‘фиткар‘, кој ги има сите особини на конвенционално возило, но можете да вежбате додека возите. Според нашите истражувања, на ваков начин, за 30 минути се горат повеќе од 300 калории. Многу сум горд на постигнатите резултати“, кажа Ал Шаваф, додавајќи дека возилото го подготвувале две години.