ФИЛХАРМОНИЈАТА ПОЧНУВА „НОВО УТРО“ БЕЗ МОБИЛНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со концертот насловен „Ново утро“, Македонската филхармонија вечерва во 20 часот ја почнува новата концертна сезона 2018/19 година.

Ќе диригира Јерухам Шаровски од Израел, а солист е славниот француски пијанист Лука Дебарг. На програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 2 во г-мол, оп. 16 од Прокофјев и Фантастичната симфонија, оп. 14 од Берлиоз.

Со стартот на новата сезона, Филхармонијата ја најавува и кампањата „Музика, не мобилни – исклучи го телефонот, вклучи ги сетилата“, која треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не користат телефони за време на музичките настани.

„Невкусно е кога за време на концертите на класична музика, кога имаме мир и благосостојба, кога се одмораме од секојдневието, но и кога сме силно сконцентрирани на она што како естетика, филозофија и музика ни се нуди, тоа да се нарушува со звуците или блицевите на телефонот. Употребата на телефонските апарати им пречи и на оние кои се на сцената. Kласичната музика е специфична и бара силна посветеност, огромна жртва и континуирана работа. Сето тоа може да исчезне во само еден миг ако заѕвони нечиј телефон, на пример. И со оваа кампања, Македонската филхармонија тежнее да биде во чекор со европските стандарди. Сметам дека ќе вроди со плод“, вели директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески.